Ќе го изградиме винскиот пат кој ќе биде паралелна обиколница овде се до улицата „Дисанска”. Ќе бидат наредени објекти за дегустација на тиквешкото вино. Со тоа ќе се промовира производството и ќе се привлечат туристи. Ова го истакна лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев на митингот во Кавадарци.

Лозарството и винарството, рече, се голема предност на целиот Тиквешки регион и таа предност мора да се искористи и за развој на туризмот и промоција на овој крај и производите во него.

Заев нагласи дека Тиквешијата живее од лозарството и земјоделското производство и ја вети својата поддршка. Затоа што, како што додаде, ако лозарите добро живеат, добро ќе живее и целата Тиквешија.

Да се гордееме со тоа што ќе го произведеме. Само на тој начин со дополнителна промоција ќе обезбедиме нови пласмани за нашето грозје и вино. Мораме да работиме заедно сплотени за да можеме да донесеме достоинствен живот за цела Тиквешија, рече Заев.

Секогаш, додаде, ќе се залага за подобар живот на кавадарчани и на лозарите. Притоа ја повтори најавата од Неготино за дополнителна државна помош од два денари за килограм грозје предадено во домашните винарници, поради лошата година.

За само три месеци исплативме 68 милиони евра за земјоделски субвенции. Осум милиони евра стигнаа овде директно за лозарите. Дополнително помогнавме преку винарските визби. На тринаесет винарници со 700 илјади евра кои учествуваат во покачената цена за грозјето. Направивме напори со винариите кои должат да ги исплатат обврските од претходните години. И почна таа исплата, останаа уште многу мали средства кои до крајот на годината ќе бидат исплатени, порача лидерот на СДСМ.

Вети гасификација на Кавадарци, современ покриен пазар, комунална изградба и многу други проекти. Најави поддршка за стопанството заради повеќе вработувања и поголеми плати. Ќе се стори се, рече, Фени да работи и да дава плати.

Пред присутните се обрати и кандидатот за градоначалник Бетиане Китев. Како приоритети на идната локална самоуправа ги спомена гасификацијата, модерен затворен пазар, нова детска градинка, три ниви кружни текови, комплетирање на колекторскиот систем, велосипедска патека како и многу други проекти за подобар живот во Кавадарци и населените места од општината./м