Новиот министер за здравство може да не биде од редовите на Алијансата за Албанците, но тоа не значи дека оваа партија веќе нема да биде дел од Владата – изјави премиерот информирајќи дека Алијансата веќе предложила потенцијален наследник на Таравари. Но, како што рече Заев, ќе се разгледуваат и други имиња.

Оставајќи ја отворена можноста министерството за здравство да го добие друга партија, премиерот ја остави отворена можноста за пошироко рекомпонирање на неговиот кабинет, без да каже дали тоа подразбира и примање други партии во владината коалиција. Извори на Алсат велат дека се разгледува и оваа можност.

Од Алијансата за Албанците не прифатија да ја коментираат изјавата на Заев. Претходно изјавија дека остануваат на тоа нивен кадар да управува со ова министерство.

„Ние сме коалициски партнери. Не гледаме оправданост да комуницираме преку медиумите. Се разбира дека ќе седнеме и ќе разговараме“. – велат од Алијанса за Албанците

Имињата кои се спомнуваат како кандидати за празните министерски места, досега не се потврдени од ниедна од партиите кои се дел од владата.

Фатлуме Дервиши