Политичките партии мора да преземат крупни чекори со јасна визија за да се зголеми можноста за развој на земјата, велат економските експерти за Алсат М. Според професорот Никола Поповски, странските иневститори ја гледаат и нестабилноста на институциите, што дополнително влијае на економскиот раст. Вели дека клопчето мора да почне да се одмотува, па дури и тоа да значи губење на политички поени преку заострување на критериумите.

„Сопствениците на финансискиот капитал се многу претпазливи, повеќе би сакале да имаат сигурни, па и ниски приноси, отколку ризик со повисоки приноси, нови работни места, извоз, високи технологии кои може да завршат негативно. Е сега, зошто они имаат такви ризици, затоа што институциите ни се лоши, затоа што имавме политичка нeстабилност, значи магичен круг од кој некогаш мора да се излезе. И тука нормално дека луѓето кои ја водат земјата, мора многу стабилно и многу постепено да почнат дел по дел да ги решаваат проблемите, без брзање со јасна визија некаде на крајот каде треба да излеземе“, рече Никола Попоски професор и поранешен министер за финансии.

Неповолната конкурентност на македонскиот финансиски пазар се најде и во претпоследниот извештај на Светскиот економски форум, каде најпроблематични фактори за водење бизнис беа политичката нестабилност, пристапот до финансискиот пазар и неадекватните вештини и знаења на работната сила. Во последниот извештај, Македонија ја нема на листата. Според претседателот на Центарот за економски анализи Марјан Николов, земјата десет години се соочува со истите проблеми, кои економскиот напредок постојано е доведуван под знак прашалник.

„Македонската економија се уште како основни проблеми за водење на бизнис, т.е. за добра бизнис клима ги има проблемите со политичката стабилност, пристап до финансиски пазар, јаз меѓу производот од системот на образование и потребите на пазар на работна сила, како и лошата цврста инфраструктура“, оцени Марјан Николов, Претседател на центар за економски анализи.

Според него, тоа значи дека политичките елити во период од повеќе од 10 години не постигнале значаен успех во креирање на поволна бизниз клима, а финансискиот пазар се сведува само на олигополско банкарство со рудиментни производи кои почиваат на класичниот кредит. Експертите заклучуваат и дека неопходна е темелна реформа во образованието, за да може инвеститорите да добијат соодветни кадри, а не работна сила која потоа мора да ја дообучуваат.